„Првиот чекор од градење на подобра атмосфера меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе биде заедничката владина седница во вторник на 25 јануари во Софија. Таму ќе се формализира формирањето на петте работни групи, каде ќе се стават надлежни министри, тимови, но и институции кои не се на министерско ниво, а се важни“ кажа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека од 25 јануари натаму, со динамика на седум дена по една од комисиите ќе заседава и во периодот до март-април се очекува да се сретнат по два-три пати.

„Со новите влади во двете земји настапува нов пристап согласно кој историските прашања се само дел од целината. Волјата е да се покаже дека имаме и други работи што треба да се решат, како подобрување на инфраструктурата, трговија, културна и образовна размена. Со цел да имаме поголема комуникација меѓу граѓаните и да не се остава односите да ги водат само политичарите и историчарите“ кажа Маричиќ.

Тој додаде дека целосно сме ослободено од лицитација со датуми и месеци, бидејќи е многу поважно структурата да профункционира и да даде видливи резултати за граѓаните преку разгледување на отворените прашања во една поинаква атмосфера.

„Можеби сите прашања ќе се решат до април или јуни, но можеби ќе ни треба повеќе време. Не е суштината во броењето на деновите, туку колку искрено и интензивно ќе влеземе во решавањето на овие прашања“ потенцираше Маричиќ.