„Во деведесеттите години имавме посилна комуникација со Франција. Претседателите Глигоров и Ширак имале неколку средби, потоа тоа стагнираше. Сепак, во последните три години повторно се интензивира соработката, при што се случија неколку средби на највисоко ниво“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во вестите на Сител.

Тој кажа дека претседателот Пендаровски во 2019 година беше во Париз, а потоа и експремиерот Зоран Заев оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Франција се заинтересира за нашиот регион и за Северна Македонија по 2019 година, кога тие ја иницираа новата методологија за преговори со ЕУ. Препознаваме интерес од нивна страна за продлабочување на соработката како на политички, така и на економски план“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека европското лидерство го гледа Западниот Балкан како дел од Европската Унија и порача дека треба да го искористиме тоа.