Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ очекува процесот на уставни измени да започне во првата половина од наредната година.

-Секако дека процес мора да има и тој ќе трае, знаете дека уставни измени не се случуваат од денес за утре, претходните, пред четири години се случуваа, имаше процес кој траеше година дена. Во моментот кога ќе се искреира платформата која може да достигне до 80 пратеници ќе почне процедурата во Собрание, јас очекувам тоа да биде првата половина наредната година. Без пратеници од ВМРО – ДПМНЕ не може тоа да се направи, рече Маричиќ во гостувањето во ‘Само вистина’.

Тој кажа дека во заклучоците пишува дека доколку во моментот кога ќе биде променет уставот за да се внесат уште три заедници во него, без нови одлуки и без одлагање ќе се свика втората меѓувладина конференција на која што ќе започне да се разговара за поглавјата.

-Ние инсистиравме на таа формулација за да не биде оваа реторика од опозицијата дека ќе имало уште 3-4 или не знам колку барања. Исто така инсистиравме да се тргнат сите оние прашања, бидејќи имаше многу поинакви верзии на преговарачката рамка, и сите прашања кои што се однесуваат на билатералните прашања да бидат ставени во протокол меѓу нас и Бугарија. И сега во однос на јазикот, ние кога влеговме во дискусијата не беше наша цел да ја убедиме Бугарија во нешто, дали ќе го признае или не македонскиот јазик, наша цел беше ЕУ да не го прифати бугарскиот став и да можеме и да потпишеме договор Фронтекс со македонски јазик и да го користиме без никакви проблеми и утре легитимно да бараме па макар и со нивна нота, тие праќале нота на секаде, тие пратија нота и во ОН, тоа сакам да кажам, фамата ја прават луѓето кои не испорачаа ништо во 6 години плашејќи се за нивната политичка кариера, кажа Маричиќ.