Маричиќ со порака до бизнис заедницата максимално да се користат ИПА фондовите На денешниот координативен онлајн состанок со Секторска работна група за конкурентност и иновациите за програмирање на ИПА, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, побара максимална заложба од сите чинители во рационално насочување на донаторската поддршка во служба на националните приоритети, вклучително и процесот на интеграција во ЕУ во целина, и задолжително учеството на граѓанските организации на состаноците на Секторските работни групи, како добри познавачи на потребите на граѓаните и предизвиците со кои се соочуваат. Оваа Секторска работна група е многу хоризонтална во својот пристап бидејќи треба да обезбеди и овозможи регулаторна рамка за деловно работење и инвестиции, да помогне во подобрувањето на конкурентноста на претпријатијата преку извоз, диверзификација и интернационализација на бизнисот, а истовремено да одговори на предизвиците за воведување на циркуларната економија, како и да инвестира во истражување, иновации и развој и трансфер на технологија, рече вицепремиерот и Национален ИПА координатор, Маричиќ. Маричиќ додаде дека поддршката за развојот на приватниот сектор е исто така еден од предводниците на Економскиот и инвестицискиот план и ова е пораката што треба да се пренесе на бизнис заедницата и да се охрабрат да аплицираат за такви средства. – Од големо значење е нашите компании да можат да учествуваат во програмата и аплицираат за средства кои ќе им служат во подготовка и адаптација за големиот, внатрешен европски пазар, што паралелно ќе доведе до зголемување на нивото на конкурентност, кажа Маричиќ.