Денеска го официјализираме најголемиот проект во секторот за животна средина во Северна Македонија – Проектот за изградба на пречистителната станица во Град Скопје, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Според него, ова е уште еден европски проект кој води кон подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, особено за скопјани и они кои живеат по течението на Вардар.

-Токму денес, на Светскиот ден на водата, се обврзуваме и се охрабруваме да преземаме акции и да „бидеме промената“ во начинот на кој ја користиме и начинот на кој управуваме со водата. Градењето инфраструктура за собирање и третман на отпадните води е токму тоа – одговорен однос и учество во заштитата на водите. Со Европската инвестициска банка потпишуваме Договор финансиран во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан, грант во износ од 70 милиони евра за пречистителна станица за отпадни води во Скопје во вредност од околу 200 милиони. Скопјани ја чекаат и ја бараат оваа инвестиција во животната средина – конечно, скопјани ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење, кажа Маричиќ.

Тој додаде дека ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот македонски развој.

-Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живот на сите нашите граѓани. Проектот дава значаен и мерлив придонес за подобрување на урбаната средина на Град Скопје и за подобрување на квалитетот на услугите за третман на отпадни води, т.е., зголемување на ефикасноста во третманот на отпадните води, прочистување и елиминирање на милта, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот и водата и да со тоа исполнување европски стандарди, истакна вицепремиерот.

Маричиќ нагласи дека пречистителната станица Скопје е идентификувана како еден од главните приоритети во Националната стратегија за води, Националната студија за води и Националната стратегија за инвестиции во животната средина.

-Со финансиска помош од Европската Унија веќе го програмиравме и колекторскиот систем за град Скопје, којшто е поддржан од националната оперативна програма ИПА II Сектор за животна средина и климатски промени. Со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град. На овој начин, ние сме во чекор концелта на Зелената агенда за Западен Балкан за заштита од загадување на воздухот, водата и почвата, рече Маричиќ.