Ниту една слабост нема да остане незабележана за време на скринингот, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на ТВ21. Според него, целта на скринингот е од фаза на известување за напредокот, да се навлезе во фаза на листа на задачи и рокови за тие задачи со цел зачленување во Европската унија.

Тој додаде дека претстои процес на реформи од кој корист ќе имаат граѓаните.

-Системот за вработување во јавна администрација е на пример долгорочна борба. Треба да изградиме таков систем што ќе овозможи да влегуваат најдобрите, без разлика на партиска припадност, рече Маричиќ.

Тој кажа дека после долго време е променета атмосферата во Брисел во однос на процесот на проширување.

-После нападот на Русија врз Украина се враќа на маса геостратешкиот момент. Сфаќаат дека е неопходно да се направи план за интегрирањето на земјите од Западен Балкан, истакна Маричиќ.