„Проблемот на македонската опозиција е што сегогаш е за НАТО и ЕУ само на зборови. Кога доаѓаат тешки моменти и треба да се покажеме како сојузник и држава која е стратешки определена, опозицијата молчи“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека тоа укажува на неискреност кога кажуваат дека се за НАТО и ЕУ и дека граѓаните и партнерите на државата тоа го препознаваат.

„Самиот факт што се тивки и неми за прашањето за Украина укажува дека калкулираат со стратешките интереси на државата или барем со изнесувањео став за важните прашања“ рече Маричиќ.

Во неговото гостување, вицепремиерот зборуваше и за проблематиката со руски пари во македонската политика и кажа дека сега ќе биде клучно да се утврдат некои од овие релации, бидејќи безбедноста ситуација е загрозена.

„Не можам да шпекулирам кој и како влијаел, но јасно е преку пораките на социјалните мрежи и пораките на изборите дека има антизападно влијание од некои политички партии. Некои се помали, но и во поголемите е видливо тоа“ рече Маричиќ.