Владата сериозно ја сфати трагедијата во Тетово и државниот врв уште истата вечер беше на самото место и од тогаш навака истражните органи работат константно, увери министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето на Сител телевизија. Министерот додаде дека обезбедена е целата документација, увид непречено го вршеле и ОЈО Тетово и Државното обвинителство, како и дека сите документи за набавките се предадени на Обвинителството за организиран криминал.

-Истиот ден како Влада побаравме помош од најреномираниот германски институт за криминална полиција во Висбаден, којшто има 60-годишно реноме и седум илјади вработени. Тие правеле истраги на европско и светско ниво. Тие работеа и на истрагата за атентатот на српскиот премиер Ѓинѓиќ. Се обративме на најдобрите да ни помогнат, во оваа несекојдневна ситуација кога има пожар во болница со толку многу жртви. Како Влада сакаме да се утврди одговорност и да се расчистат околностите, изјави Маричиќ.
 
Тој додаде дека  не е добро да се поентира ниту политички ниту како било поинаку од маката на луѓето и трагедијата.

-Нека не се злоупотребува трагедијата. Истрагата ќе ги даде деталите. Немаме намера нешто да криеме или заташкуваме, затоа и ги викнаме германските истражители. Германските истражители ќе го достават извештајот до нашите истражни органи и потоа тој да биде користен како еден вид вештачење, заклучи Маричиќ.