Министерот за правда Бојан Маричиќ од Штип изјави дека услугата електронско вадење на потврди од казнена евиденција одлично функционира во пракса и граѓаните веќе ја користат услугата. Ова беше прва од повеќето услуги кои се дигитализираат, а целта е граѓаните да не мора да чекаат по шалтери и овие потврди да се добиваат електронски.

-Според информациите граѓаните веќе ја користат оваа услуга и системот одлично функционира. Граѓаните електронски, на модерен начин ги вадат овие потврди, односно потврдите за неосудуваност. Се работи за целосно нов систем, но важно е дека се се одвива во најдобар ред, изјави Маричиќ.

Оваа услуга е само една по неколкуте кои целосно ќе се дигитализираат. Наскоро ќе може по електронски пат да се добијат и изводите од кривична евиденција, а се работи и на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Целиот процес на дигитализацијата на судството кој го води Министерството за правда, предвидува воведување информатичка технологија на сите 34 судови во земјава и во речиси 200 судници.