„Од 2007 до сега ЕУ има вложено милијарда евра и тоа неповратни средства а не како кредити што треба да се вратат, туку се вложени во инфраструктурата и во развој. ЕУ вложува во земјава бидејќи не подготвува за членство“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за „Фронтлајн“.

Тој додаде дека целта на вложувањето е кога ќе бидеме членка, граѓаните, но и државата и инфраструктурата да бидат подготвени и најави дека по членството ваквите инвестиции ќе бидат уште поголеми.

„Ако Бугарија доби 7 милијарди, или Хрватска 4,5, ние добивме 130 милиони. Таа е разликата меѓу државите членки и оние кои не се. Затоа е во наш интерес што побргу да станеме членка затоа што обемот на средства што ќе ни бидат достапни од фондовите, ќе бидат драстично поголеми“, укажа Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека скринигот со ЕУ тече со одлично темпо, а во средата започна билатералниот скрининг за Поглавјето 23, каде што даваме отчет за тоа во која фаза сме, што сме усогласиле, што треба да усогласиме и во кој рок.