„Во делот на политички критериуми, Комисијата потврдува дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај некои предизвици. Локалните избори во 2021 година се оценети како конкурентни и со почитување на основните слободи, но ни останува обврската за сеопфатна ревизија на изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР во инклузивен и транспарентен процес. Во однос на Собранието, имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени.“- констатираше вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

„Во однос на правосудниот систем, се нотира дека правосудните органи ја покажаа својата посветеност да го заштитат својот интегритет и независност, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ги спроведуваат стратешките планови. Она на што ќе треба да се фокусираме е подготовката на новата стратегија за реформа на правосудниот сектор и спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси во судството и во обвинителството. Од аспект на борбата противи корупција, се оценува дека земјата продолжи да го консолидира досието (track record) за истраги, гонење и пресуди во неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво. Државната комисија за борба против корупција се оценува дека продолжи со проактивниот пристап во спречување на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и случаи против функционери на високо ниво. Секако, овде ни останува обврската за континуирано јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законите во борбата против корупцијата.“- изнесе Маричиќ.