„Во однос на човековите права, оценката е дека националната рамка е на линија на ЕУ стандардите. Се нотира напредокот во процесот на деинституционализација и родово одговорно буџетирање како и обезбедувањето поддршка за жртвите на родово базирано насилство. Ни останува обврската за постапување на препораките од Комитетот за спречување на тортура во однос на третманот на лицата во притвор и/или во затвор. Во делот на слобода на изразување и медиуми, останува оценката дека медиумите имаат соодветна средина за работа која обезбедува критичко новинарство, но ни останува обврската за усогласувањето со правото на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и реформирање на националниот радиодифузен сервис и подобрување на работничките права на медиумските работници.“- изјави вицепрмиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

„Во делот на политички критериуми, Комисијата потврдува дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај некои предизвици. Локалните избори во 2021 година се оценети како конкурентни и со почитување на основните слободи, но ни останува обврската за сеопфатна ревизија на изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР во инклузивен и транспарентен процес. Во однос на Собранието, имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени.“- дополни Маричиќ.