Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на маргините на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан оствари средба со ирскиот министер за европски прашања,Томас Бирн.

На состанокот беше пренесена позитивна порака за силната поддршка од страна на Република Ирска за нашите евроинтеграции, со верување дека блокадата што поскоро ќе биде отстранета и Северна Македонија заедно со Албанија ќе ги започнат преговорите.

Вицепремиерот Маричиќ на средбата ја истакна заложбата и посветеноста на дијалогот за надминување на отворените прашања со Бугарија, последните 6 месеци, повторувајќи ги позициите на Владата дека нема преговарање за македонскиот јазик и идентитет, а секое решение и предлог дека мора да биде базиран на европските вредности и стандарди.

– Блокирањето на целиот процес на проширување ѝ штети е против интересите на Европската Унија, но и на регионот. Овој Самит е во исклучително важен моментум за Западен Балкан и за ЕУ, не само поради политичкиот, безбедносен и економски неред во светот, туку и поради зачувување на кредибилноста на ЕУ и веродостојноста на политиката на проширување, рече Маричиќ на средбата.

Соговорниците на состанокот разговараа и за планираните активности во рамки на посетата на нашата земја од страна на Томас Бирн, заедно со министерката за европски прашања на Република Финска, Тити Тупураинен, во рамки на нивната балканската турнеја, на почетокот на месец јули, на која вицепремиерот Маричиќ ќе биде домаќин.