„Изминатата 2022 година е најуспешна година на европските интеграции по добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година. Клучна пресвртница во нашите односи со ЕУ“ изјави вицепремиерот за европски прашња, Бојан Маричиќ на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој додаде дека потребен е вистински политички консензус во земјава за европските интеграции, не само декларативен и тоа да се покаже преку комплетирање на уставните измени и продолжување на процесот.

„Од 15 септември до денес имаме завршено три рунди на објаснувачки скрининг и веќе сме во втората рунда на билатерален скрининг. Најважниот кластер ‘Темелни вредности’ е завршен, а сега го разгледуваме ‘Внатрешен пазар’. Оваа година клучните скрининг извештаи на кои ќе се осврне ЕУ се овие два кластера“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека на пролет треба да ги добиеме скрининг извештаите за овие два кластера и да започнеме со работа на клучните документи кои се предуслов за отворање на првиот кластер, а тоа се Патоказ за владеење на право, Патоказ за реформи на јавната администрација и Патоказ за функционирање на демократски институции.

„Доколку го завршиме скринингот успешно и ги изготвиме документите, тие документи може до почетокот на летото да се најдат пред Советот на министри на разгледување. Тоа значи дека што побрзо ја завршиме политичката димензија, односно комплетирањето на уставните зимени и политичкиот консензус, побрзо ќе се движиме напред“ рече Маричиќ.