Според податоците кои се достапни во Агенцијата за филм, согласно Законот за филмски фонд, максимален износ кој можело да се додели на филмски проект бил 30.000.000 денари, информираат од Агенцијата за филм, по објавата на Цивил медиа „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?. Сепак, Манчевски добива далеку поголема сума за филмот ‘Мајки’.

-За проектот според податоците во досието се доделени 55.800.000 денари кои се доделени на Конкурс и согласно извесно Известување бр.14-975/4 од 31.07.2009г. од Министерството за култура и Извадок од нацрт записник од осумдесет и осма седница на Влада на РМ бр.19-3890/1 од 28.07.2009г. кои се наведени во Договорот за склучување на проектот бр. 03-533/1 од 31.07.2009г, велат од Агенцијата за филм.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски негира дека откако тој е директор било која институција му побарала документација за истрага за филмови врзани со режисерот Милчо Манчевски и други режисери. Ова следува откако претседателката на Антикорупциската комисија изјави дека се чека извештај од Државниот завод за ревизија во врска со исплати од Филмскиот фонд.

-Откако јас сум именуван како директор на Агенцијата за филм, до институцијата нема доставено било какво барање за податоци или спроведени постапки во однос на доделување на поддршката и трошењето на средствата поврзани со горенаведените проекти или во врска со наведениот автор, вели Лазаревски.

Со оглед на документите кои ги поседува редакцијата на ЦИВИЛ Медиа спорно е што финансискиот извештај за „Мајки“ не е затворен, а тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.

Линк до целиот текст на „Цивил Медиа“.