Полицијата приведе 17-годишник од Зелениково кој за пет и пол месеци ограбил десет обложувалници низ Скопје. Фатен бил денеска околу 02.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Аеродром и лишен бил од слобода.

Последната обложувалница ја ограбил вчера во 18.30 часот во спортска обложувалница во Драчево. Тој е приведен во полициска станица и при извршен службен разговор во присуство на родител, адвокат и инспектор по малолетници, признал дека извршил десет кривични дела „разбојништво“ и ги појаснил истите.

Истиот ден во 09.00 часот со закана со пластичен пиштол од вработена одзел пари во уште една обложувалница, а ден претходно ограбил ваков објект и во Карпош. Во понеделникот ограбил обложувалница во Аеродром, а претходно на 17 мај го извршил истото дело во Кисела Вода. На 6 мај и 30 април ограбил две обложувалници во Аеродром.

„Уште три разбојништва во спортски обложувалници 17-годишникот признал дека извршил на подрачјето на Аеродром, и тоа на 27.03.2022, на 23.03.2022 во 21.00 часот и на 03.12.2021 околу 18.00 часот, кога со закана од вработените одзел пари. Кај лицето биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичните дела“, објави МВР.

Во координација со Јавен обвинител за малолетници, по документирање на случаите, против него ќе следи соодветна кривична пријава.