„Недозволиво е што 30 години не е зголемена платата на вработените во АД Пошта и што 12 години нема униформи. Но мислам дека имаме позитивни трендови. Треба да се најде одржливо решение што ќе продуцира повеќе приход, за да може да се исплатат плати што вработитени ги заслужуваат“ рече генералниот директор на АД Пошта, Јани Макрадули во „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека ниту еден вработен во Пошта нема да добие плата под 18 илјади денари и дека ќе биде испочитуван Законот за минимална плата. Макрадули исто така додаде дека рокот за усогласување на останатите плати, според законот е шест месеци и дека тоа ќе се постигне низ дијалог со сите вработени.

„Пошта не е во добра финансиска кондиција, но одредени параметри покажуваат промени на подобри. Имаме зголемување на приходите, но сепак тој тренд не е доволен“ рече Макрадули.

Директорот на Пошта истакна дека Агенцијата за пошти треба да обезбеди фер услови на пазарот за државната пошта и приватните компании, но и да се зголеми борбата против илегалните компании кои вршат поштенски услуги на територијата на земјата.