Јани Макрадули кој вчера беше посочен од кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска, дека тој го водел проектот за гасовод на Водно, реагира дека е непријатно изненаден од нејзиниот коментар со кој, како што вели, таа ја префрла одговорноста.

Макрадули на својот фејсбук-профил ја објави Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот Гасовод на Водно од 2011 година, каде посочува дека Петровска е еден од авторите.

„Иако не сум дел од кандидатите на овие локални избори, ја следам кампањата и непријатно ме изненади еден коментар на кандидат за градоначаник на град Скопје, г-ѓа Петровска, каде префрлува одговорност на погрешна адреса.

Имено, Ана Петровска е една од авторките на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот за Национален гасификационен систем во Република Македонија Делница 5 Скопје-Гостивар-Кичево (Гасоводот на Водно) од 2011 година.

Студија направена во 2011 во многу тишина и зад очите на јавноста.

За таа траса, одобрена и препорачана од Петровска, дека не влијае штетно на природата, граѓанските организации реагираа, а во координирана акција на неколку владини институции во 2018-та година:

Од првичниот проект, направена е измена на трасата, и со тоа за 70% се намали должината каде се сечеа дрвца.

Невладините организации имаа увид во комплетната документација на проектот, затоа впрочем и учествуваа во процесот на измените кои се направија за намалување на влијанието врз животната средина (стеснувањето на трасата и промената на 4км од дел од трасата со што се избегна високостеблеста шума).

Со цел надоместување на штетата со исечени дрва, Владата донесе заклучоци со кои се предвидоа серија активности за рекултивација и пошумување на парк шума Водно, согласно предлозите на граѓанските здруженија.

Затоа Петровска не може да избега од нејзиното дело во 2011-та година“, напиша Макрадули на „Фејсбук“.

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Ана Петровска, вчера негираше дека има некаква поврзаност со гасоводот на Водно, додавајќи дека проектот во тој период го водел токму Макрадули.