Со премиерната изведба на симфонијата „Убави денови” од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на 30-годишнината од независноста, во изведба на Филхармонијата на Северна Македонија под диригентската палка на Бисера Чадловска, започна свечената програма за одбележување на овој значаен јубилеј пред Собранието на Република Северна Македонија.

-Во присуство на државниот врв на земјата, на пратениците и на членовите на Владата и претставници на државната управа и другите општествени институции, на претставници на граѓанското општество и верските заедници, како и во присуство амбасадори и други членови на дипломатскиот кор во земјата и на граѓани, со почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19, програмата посветена на тридецениската самостојност на државата продолжи со предвиденото свечено дефиле, соопшти владина ПР-служба.

-Нашите сограѓани во поворката, припадници на оружените сили од Армијата и од формациите за јавна безбедност на МВР, нашите посветени здравствени работници, пожарникарите и другите припадници на системите за заштита и спасување, земјоделците и рударите, од индустријата, спортот, културата и фолклорните традиции, кои како приказ на нашето општество денес, еднакво за сите граѓани, ја споделија својата радост со гостите и граѓаните коишто ги поздравија со должна почит, додаваат од Владата.

Церемонијалниот дел на програмата за одбележување на 30-годишнината од независноста продолжи со изведбата на уметнички акт на Филхармонијата на Република Северна Македонија сочинет од исполнувањето на Бетовеновата „Ода на радоста“ со вокалните солисти од Националната опера и балет Ирена Кавкалевска – мецо сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Кристијан Антовски – бас, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
 
Овој дел од програмата се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски.