Македонија обезбеди привремено сместување на 68 Авганистанци, соопшти Министерството за надворешни работи.

Како што се наведува, станува збор за наши сојузници, кои претходно биле ангажирани од страна на НАТО за време на мисијата во Авганистан.

„Оваа група е дел од поголемата група Авганистанци кои беа сместени во базата ‘Бехтел’ (Bechtel Facility), во Косово, од каде меѓу земјите членки на НАТО привремено се распределени сите Авганистанци, кои беа евакуирани од Кабул. На лицата во земјава им е обезбедено привремено сместување, сè до обезбедување на нивната документација за упатување кон финалните дестинации каде е одредено нивното постојано живеалиште“, велат од МНР.

Од Министерството додаваат дека со ваквиот чекор Северна Македонија како кредибилен партнер на НАТО уште еднаш демонстрира солидарност во заштита на сојузниците од Авганистан, кои поради ризикот по нивниот живот и безбедноста на нивните семејства не можат да се вратат во земјата.

Со обезбедувањето привремено прибежиште и за оваа група Авганистанци, вкупниот број на авганистански цивили на кои Северна Македонија им има обезбедено привремено престојувалиште во земјава изнесува нешто повеќе од 800 лица, од кои повеќе од половината веќе ја напуштиле земјата, упатувајќи се кон нивната конечна дестинација.

„За време на привремениот престој во Северна Македонија на Авганистанците им е обезбедена помош и поддршка од државните институции и невладини организации, со што земјава е дел од глобалната хуманитарна акција за помош на Авганистанците кои посветено работеле на унапредување на демократските процеси во Авганистан или биле ангажирани од страна на меѓународни организации и агенции“, велат од МНР.