Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус во средата ги повика богатите земји со големи залихи на вакцини против коронавирус да се воздржат од понуда на трета доза вакцина до крајот на годината.

Тој рече дека е запрепастен од коментарите на фармацевтските компании кои велат дека залихите на вакцини се доволно големи за да овозможат давање и трета доза и вакцинација во земјите на кои итно им се потребни вакцини, но се соочуваат со недостаток.

Лидерот на СЗО вели дека нема да молчи кога компаниите и земјите што го контролираат глобалното снабдување со вакцини мислат дека сиромашните во светот треба да бидат задоволни со остатоци.

Тедрос претходно повика на мораториум за давање трета доза до крајот на септември, но САД и другите земји започнаа или размислуваат да ги понудат на своите граѓани кои припаѓаат на ранливите групи.

Во почетокот на август, Белата куќа го отфрли повикот на СЗО за мораториум на третата доза на вакцината против КОВИД-19, велејќи дека Соединетите држави не треба да изберат помеѓу давање трета доза на вакцината на своите граѓани и донирање на вакцината на трети земји.