Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба по средбата со Сергеј Лавров изјави дека не е постигнат договор за прекин на огнот.

„Не можеме да ја запреме војната ако државата што ја изврши агресијата и нападот нема желба да го стори тоа“, рече Кулеба.

Тој вели дека во текот на преговорите слушнал дека прекинот на огнот за Русија е поврзан со исполнувањето на барањата што Владимир Путин и ги поставил на Украина.

„Сакам уште еднаш да потврдам дека Украина не се предаде и нема да се предаде. Подготвени сме за дипломатија, бараме дипломатски решенија, но додека ги нема, несебично ќе ја браниме нашата земја и нашиот народ од руската агресија со жртвување самите“, рече Кулеба.

Тој изјави дека на средбата со Лавров разговарал за прекинот на огнот, но и за отворање на хуманитарни коридори.

Како што прецизираше, на средбата дошол со две задачи: организација на хуманитарниот коридор и примирје од најмалку 24 часа.

Украинскиот министер изрази надеж дека преговорите со Русија ќе продолжат. Како што истакна, неопходен е сериозен и смислен разговор.

Кулеба на прес-конференцијата рече дека најтешка е ситуацијата во украинскиот град Мариупол и изјави дека Лавров не се обврзал таму да воспостави хуманитарен коридор.