Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против И. Т. (43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 од Кривичниот законик.

На 5.10.2022 година полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал и инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина извршиле контрола во склад за собирање и складирање разни видови метален и други видови отпад на улицата Шарпланинска во општина Ѓорче Петров.

Притоа пријавениот бил затекнат како во моментот неовластено тргува со отпад, без да е регистриран во Централен регистар како физичко лице или како трговец поединец и без да поседува дозвола за вршење дејност за управување со отпад, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, која е должен да ја поседува во согласност со член 64 од Законот за управување со отпадот.