Кремљ најави дека нема веднаш да ја исклучи можноста за испорака на гас за земјите кои нема да го исполнат вчерашниот ултиматум на рускиот претседател Владимир Путин.

Да потсетиме, Путин во вчерашното телевизиско обраќање рече дека потпишал нов декрет според кој „непријателските земји“ од денеска мора да го плаќаат рускиот гас во рубли или ќе бидат раскинати постоечките договори.

– Добив многу прашања дали новата уредба значи дека од денеска ќе го исклучиме снабдувањето со гас на земјите кои не почнуваат да плаќаат во рубли. Не, тоа не значи и не произлегува од декретот – изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Песков додаде дека плаќањата за денешните испораки на гас се закажани за крајот на април или почетокот на мај.

– Но, повторувам уште еднаш, подобро е да се контактираме со Гаспром за сите детали – рече Песков.