Германската компанија Бајонтек оствари вкупен приход во првиот квартал од оваа година од 2,05 милијарди евра, наспроти 27,7 милиони евра во истиот период во 2020 година.

Таквиот резултат беше постигнат главно благодарение на продажбата на вакцини против Ковид -19, што тој ги произведува заедно со американскиот „Фајзер“.

Кварталната нето добивка се искачи на 1,13 милијарди евра во споредба со загубата од 53,4 милиони евра забележана една година претходно, објави денеска Бајонтек.

Според компанијата, нарачките за производство и испорака на вакцини против Ковид се зголемија на 1,8 милијарди дози од нешто повеќе од 1,4 милијарди дози, како што беше објавено во март.

Врз основа на новите нарачки, компанијата сега очекува нејзините приходи од продажба на вакцини да достигнат околу 12,4 милијарди евра оваа година, во споредба со претходно проектираната сума од 9,8 милијарди евра.

Според германската компанија, Бајонтек Фајзер испорачал повеќе од 450 милиони дози вакцини ширум светот до 6 мај, додека Астра Зенека на 30 април објави дека испорачала повеќе од 300 милиони дози досега.

Претходно денеска, Бајонтек ги откри плановите за основање нова фабрика во Сингапур, која ќе произведува неколку стотици милиони дози од нивната mRNA вакцина годишно од 2023 година.