Во пресрет на локалните избори, проектот „Скопје 2014“ кој ги чинеше граѓаните стотици милиони евра, повторно е предмет на дебата. Кандидатката за градоначалник на Општина Центар, Наташа Котлар, во гостување на ТВ Сител, изнесе тврдење дека „Скопје 2014“ е изгласан „од претставниците на сегашната позиција“.

Но, Котлар заборава дека цела јавност е добро запознаена со тоа кој е автор на „Проектот Скопје 2014“ и како беше реализиран овој проект, пренесува најновата епизода на „Кратки нозе“.

-Оваа невистина детално и со аргументи ја разобличува Жарко Трајаноски во анализа на за Цивилмедиа. Тој, меѓу другото, потсетува, Одлуките за целиот проект се носеа „на рати“, од различни институции и органи, главно во Општина Центар и Град Скопје, како и тогашнотпрено Министерство за култура.

-Изнесените тврдења се во целосна спротивност на многу изјави на тогашниот премиер Груевски, кој јавно кажуваше дека тој стои зад целиот тој проект и ги објаснуваше неговите предности, истакнува Трајаноски, кој посочува дека за тоа постојат објави од тоа време кои се уште стојат на сајтот на Владата.

Едно е сигурно – Скопје 2014-та е наследство со кое никој не сака да се фали и од кое се дистанцираат дури и од партијата што го изгради тој проект. Можеби и тоа некаква сатисфакција за граѓаните, во отсуство на сериозно справување со наследството на проектот, кое и ден денес го оптоварува јавниот простор и архитектурата на Скопје, заклучуваат од Цивил медиа.