Завршена е изградба на гасоводот од Куманово до Битола во должина од 188 километри. Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на завршните градежни работи на последната гасоводна делница Неготино-Кавадарци-Битола и кажа дека се исполнува проектот за целосна гасификација на државата.

-Делницата Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри и кракот од Тетово од десет километри е во завршна фаза и се очекува наскоро и таму да завршат градежните работи. Во услови на пандемија, економска и енергетска криза, важно е стратешките проекти се реализираат, рече Ковачевски.

Според него, од гасификацијата придобивка ќе имаат граѓаните, компаниите, но се заштитува и животната средина.

-Компаниите од овој регион, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот“, истакна премиерот.