Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за „Политика“ се осврна на преговорите со Европската Унија, како и на соработката меѓу Северна Македонија и соседна Србија.

„Северна Македонија на 19 јули започна преговори со Европската Унија. Ние сме денес многу поблиску до остварувањето на уште една наша стратешка цел, од кога било досега. И тоа го направивме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, со јасни идентитетски одлики признаени од нашите пријатели во Европската Унија. Во преговарачката рамка, македонскиот јазик е чист, без додавки, појаснувања и слично, што беше најважното нешто за нас. Идентитетот е заштитен. Седнуваме на истата маса со земјите членки и одвнатре, на иста маса со нив ќе ги браниме понатаму нашите позиции. И тоа е огромен успех за нашата земја. Непринципиелни побарувања и дневно политички агенди имало и ќе има. Впрочем на ни една држава не и бил лесен патот кон комплетна европска интеграција“, подвлече Ковачевски.

Во однос на соработката меѓу Северна Македонија и Србија премиерот Ковачевски истакна дека меѓу двете земји нема отворени прашања.

„Вие веќе и самите рековте, нашите две земји немаат отворени прашања. Тоа е резултат на сериозна посветеност на развивање добрососедски односи. Ние сме тука први соседи и нашата задача е да сме добри пријатели и да соработуваме. И да си помагаме секако. Иако сме секуларна држава, сепак признавањето на црквата и внесувањето во канонско единство, го затвори и последното отворено прашање и тоа е голем успех и за Северна Македонија и за Србија. Сега пред нас се нови патишта, поврзувања, развивање на регионот, сега е вистинско време заедно да ја искористиме шансата и да изградиме подобро утре за нашите деца“, рече Ковачевски.