Во интревју за МИА, премиерот Ковачевски смирува и вели дека државата е тука за граѓаните во време на криза, им помага и финансиски ги поддржува и тоа ќе продолжи и во иднина.

„Ние како одговори на кризата направивме пакет на антикризни мерки, 26 беа донесени коишто се со вредност од 400 милиони евра и коишто значат намалување на ДДВ и на акцизата кај горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, издвојување на финансиски средства за најранливите категории на граѓани, за 35 илјади граѓани, три месеци по илјада денари, носење на пакет мерки преку Развојната Банка за одржување на ликвидноста на компаниите, ограничување на маржите на прехранбените производи во мало и големопродажбата.“ вели премиерот Ковачевски за МИА.

Ковачевски вели дека уште при креирањето на буџетот во 2021 за 2022, енергетската криза веќе беше почната и тогаш Владата го намали ДДВ-то за граѓаните за електрична енергија уште на крајот на првата половина на крајот на 2021.

За 2022 определивме средства во буџетот во резервите за да може да ја одржуваме ликвидноста на енергетскиот сектор. Притоа, 80 отсто од сметките за електрична енергија на граѓаните се субвенционираат преку буџетот и истото се однесува за сметките за парно греење во Скопје, додава Ковачевски.

Премиерот Ковачевски ги акцентира и покачувањето на платите и пензиите како дел од економските политики за силна поддршка на стандардот на граѓаните.

„Пензиите ги покачивме и ја сменивме методологијата со тоа што ќе имаме најголемо покачување на пензиите во оваа година и методологијата ќе важи за сите години нанапред, со тоа што веќе порастот на пензиите нема да зависи од никаква политичка волја или од тоа дали има или нема избори во одредена година, што беше случај секогаш во минатото, што значи дека сега таа методологија е ставена со закон. И дополнително определивме помош за три месеци по илјада денари за да можат да се справат полесно пензионерите со растечките цени на храната и на енергенсите. Второ ја зголемивме минималната плата, да не заборавиме само пред пет години минималната плата беше 9000 денари, сега е 18.000. Пред 5 години беа потребни 4,25 минимални плати да се покрие една потрошувачка кошничка, сега се потребни две минимални плати. Тоа го направиме низ социјален дијалог со синдикатите“ вели премиерот Димитар Ковачевски во денешното интервју за МИА.