„Ни треба решение, засновано на меѓусебно почитување и на европските вредности. Ова решение треба да резултира со укинувањето на ветото на Бугарија и да послужи како основа за добра соработка меѓу нашите две земји“ кажа премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Ла Либре.

Тој додаде дека процесот за започнување на преговорите со ЕУ на земјава трае долго и поради тоа не се штедат напори за забрзување на разговорите со Бугарија.

„Кај нас постои консензус за евро-атлантските интеграции. Постигнавме една од нашите цели со влезот во НАТО. Онаа за членство во Европската Унија сè уште не е постигнато. Донесовме тешки одлуки како земја за да можеме да станеме членка на НАТО и да можеме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Европската унија мора да ги исполни своите ветувања за Северна Македонија, имајќи ги предвид четирите позитивни извештаи на Комисијата за развојот на нашата земја“ кажа Ковачевски.

Тој додаде дека отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија ќе има ефект за да ги повлече и другите земји од регионот напред и да ги мотивира да ги забрзаат нивните напори за отворање или продолжување на пристапните преговори.