„Во светло на случувањата во Украина и воената агресија на Русија врз Украина, проширувањето на Европската Унија во земјите на Западен Балкан не е веќе прашање само на проширувањето, туку претставува и геостратешко прашање, бидејќи овие земји тука, имаат јасна определба во однос на интеграција во Европската Унија“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Делфи економскиот форум.

Тој додаде дека воената агресија на Русија врз Украина докажа дека мора да постои блиска соработка помеѓу земјите, особено помеѓу соседните земји, бидејќи тоа ги намалува шансите за било каков конфликт.

„Тоа го покажува и долгиот временски период на мир во Европа особено помеѓу земјите членки на Европската Унија, коишто своите односи ги базираат на градење на висококвалитетни односи во сферата пред сѐ на економијата и заштитата на човековите права, социјалната правда и слободата на демократското однесување“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека неблагодарно е да се прогнозира дали ситуацијата во Украина ќе влијае врз брзината на приемот на Северна Македонија во ЕУ, но дека Унијата декларативно сака да го забрза тој процес.