Оваа Влада секогаш ќе биде ветар во грб и потпора на производителите, на компаниите, на бизнис секторот, порача од Валандово премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ја посети млекарницата „Вардарец”.

-Посебно се радувам што со ИПАРД програмата, „Вардарец“ имаат долгорочна развојна цел и лани овде во индустриската зона во Јосифово го отовориле овој нов погон каде се произведуваат разновидни млечни производи. Ова е уште еден показател дека со помош на европски фондови нашите домашни компании може да го унапредат и развијат сопственото производство. „Вардарец“ е одличен пример за придобивките од ИПАРД и за поддршката што ни ја дава Европската Унија. Со помош на финансиска поддршка за земјоделците, „Вардарец“ користи и субвенции за сопствено производство на земјоделски производи, кажа Ковачевски.

Премиерот додаде дека Владата секогаш ќе биде ветар во грб и потпора на производителите, на компаниите, на бизнис секторот.

-Живееме во времиња полни со предизвици, времиња кои бараат брза адаптација и реакција. Јас сум одговорен човек, Владата која ја предводам умее и да интервенира каде и како треба, но во исто време одговорно управуваме со јавните финансии. Затоа и донесовме пакет мерки што ќе одговори на повеќето предизвици наметнати од економската и енергетската криза. Периодот очекувам стабилизирање на цените на основните прехранбени производи, затоа им помогнавме на компаниите и со последниот пакет антикризни мерки производителите на прехранбени производи, ќе можат да склучуваат договори со „ЕСМ Продажба“, за да користат поевтина струја, истакна Ковачевски.

Според него нема поголем приоритет од справувањето со енергетската криза, заштитата на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите. Тој додаде дека се работи одговорно, рационално, се кратат непродуктивните трошења сé со цел заедно да се избориме со оваа криза. Во оваа најголема економско-енергетска криза, како што додаде премиерот, никој нема да биде оставен сам.

-Како Влада не го заборавивме и долгорочниот правец, тоа е показател каде одиме како општество, тоа е показател дека ги следиме глобалните околности кон обновливи извори на енергија. Создадовме можност преку законски измени, на секој граѓанин, компанија најбрзо и со едноставни процедури и по поволни услови, да може да постават сопствени фотонапонски електроцентрали за производство на струја. Важно е сите заедно да го пребродиме овој кризен период, затоа антикризните мерки не изоставија никого, ќе го зачуваме стандардот на сите граѓани, заклучи Ковачевски при посетата.