„Поддршката на компаниите во реализирањето на нови инвестициски проекти и во зајакнувањето на нивната конкурентност е наша определба, бидејќи на тој начин се засилува економскиот раст и развој на земјава, расте БДП, и крајно се подигниува животниот стандард на граѓаните“ изјави премиерот Димитар Ковачевски при посетата на компанијата „Актива“ во Штип.

Тој рече дека оваа компанија, која започнала со тројца инженери и десет работници во 1999 година, денес има 580 вработени и е етаблирана компанија во металопреработувачката, градежната и автомобилската индустрија.

„Со вкупна инвестиција како домашна компанија од 2013 година во вредност од над 30 Милиони евра во производствени капацитети и машини. Владата ги следи компаниите во нивниот раст и развој и со сите расположливи механизми ги поддржува на патот на нивниот успех“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека компанијата е корисник на мерка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за петгодишен инвестициски проект започнат во 2018 година, со вредност од 5 милиони евра, со кој преку проширување на производствените погони и набавка и интеграција на нова висока технологија се отвориле и нови работни места.

„Навистина е позитивно кога во услови на оваа најголема светска економско-енергетска криза компаниите растат, го зголемуваат бројот на вработени и извезуваат. Остануваме цврсто на нашата силна посветеност за економски развој на државата за наша поддршка за нови работни места во приватниот сектор и нови инвестиции“ рече Ковачевски.