„Ние како држава се однесуваме исклучително одговорно кон нашите граѓани пред сѐ и затоа беа донесени низа мерки уште пред на почетокот на оваа година со намалувањето на ДДВ на електричната енергија, бидејќи енергетската криза веќе беше започната пред воените дејствија, а додека сега донесовме и пакет на антикризни мерки, 26 мерки коишто беа во насока на намалување на акцизата и ДДВ на нафтата и нафтени деривати“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Тој додаде дека благодарение на мерките на Владата, граѓаните на Северна Македонија плаќаат најниска цена на нафта и нафтени деривати во регионот.

„Исто така беа ограничени, прво беа замрзнати цените на прехранбените производи, а потоа беа и намалени и данокот на додадена вредност од пет проценти на нула проценти на основните прехранбени производи и ограничени малопродажните и големопродажните маржи со цел да не се дозволи и да се спречи ценовен шок за граѓаните, во што и успеавме“ истакна Ковачевски.

Премиерот додаде дека знае оти граѓаните ја чувствуваат кризата, која е најголема после Втората светска војна, но увери дека државата ги насочува сите ресурси кон справување со истата.