Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски присуствуваше на отпочнување на градба на социјална населба во Струмица каде ќе бидат згрижени најранливите категории на граѓани. Во оваа населба ќе бидат сместени околу стотина семејства на кои станбеното прашање не им е решено и живеат во дивоградби, односно импровизирани куќи. Овде во оваа населба ќе добијат дом, свое живеалиште и други ранливи категории граѓани. За развој на општеството, Владата се залага да обезбеди социјална сигурност на граѓаните, затоа во изминатите четири години изградени се или во фаза на изградба се вкупно 853 социјални станови.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски.

„Економската криза доведе до огромна социјална несигурност, најпогодени од неа се ранливите категории граѓани – социјалните случаи, пензионерите, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања и многу други, на сите нив им треба поддршка.

Затоа како Влада секојдневно одлучно носиме одлуки и мерки кои ќе обезбедат поддршка во овие тешки кризни времиња.

Во Струмица е започната изградба на станбена населба за домување на социјално загрозени семејства од градот. Во оваа населба ќе бидат сместени околу стотина семејства на кои станбеното прашање не им е решено и живеат во дивоградби, односно импровизирани куќи. Овде во оваа населба ќе добијат дом, свое живеалиште и други ранливи категории граѓани.

Оваа Влада се залага да обезбеди социјална сигурност на граѓаните, да обезбеди развој на нашето општество, затоа во изминатите 4 години изградени се или во фаза на изградба се вкупно 853 социјални станови.

Јас сум решителен и одлучен човек, затоа Владата што ја предводам е одговорна.

Мерките што ги носиме, политиките кои ги спроведуваме, грижата за стопанството и граѓаните се со цел да обезбедиме подобар квалитет на живот, сигурност, економски раст, просперитет и развој.

Да го вратиме оптимизмот, вербата на граѓаните во иднината на Северна Македонија.

Сите граѓани во оваа држава имаат подеднакво право на квалитетен и достоинствен живот, затоа како Влада обезбедивме директна финансиска поддршка за околу 200.000 наши сограѓани.

Во следните 4 месеци парична помош од по 3.000 денари месечно ќе добијат над 42.000 наши граѓани од најранливите категории.

Парична помош обезбедивме и за пензионерите кои имаат најмали пензии, од 3.000 до 6.000 денари за период од четири месеци ќе добијат и пензионерите кои имаат пензии до 14.000 денари.

Оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно. Со владините антикризни мерки сме потпора и сигурност и за работниците, и за работодавците, и за пензионерите, и за најранливите.

Електричната енергија за сите домаќинства и за 72.000 мали потрошувачи ја субвенционираме со 80% од реалната цена. Оваа струја е обезбедена од 100% домашно производство.

Јас ветив дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Обезбедивме помош и за училиштата и болниците, со што помагаме и на локалните самоуправи.

Со последниот пакет антикризни мерки, директно го поддржуваме образованието, како врвна обврска на државата. Училиштата добиваат поевтина цена на струјата затоа што образовниот процес мора да е обезбеден и непречено да е одвива.

Повластена цена за струја имаат и болниците, но и претпријатијата кои работат со водоснабдување и со менаџирање на отпадните води, бидејќи виталните функции на општеството мора да се обезбедени.

Работам, работиме како Влада деноноќно за сето ова да функционира, да имаме доволно храна, струја, енергенси.

Успеавме да обезбедиме многу поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Ова како што кажаа компаниите, ќе овозможи најмалку 10% намалување на крајните цени на основните прехранбени производи. Покачени цените, знам, но правиме се да ги ублажиме последиците од глобалната криза.

Нашата должност како Влада е да се справуваме со предизвиците кои ги наметнува кризата и ние нема да отстапиме од грижата и посветеноста за обезбедување на посигурен и квалитетен живот на сите граѓани.

Честитам за напорите за изградба на оваа социјална населба, како и што реков, никој, никако нема да е оставен сам во овие кризни времиња“.