„Терминалот за LNG во Александруполи е значаен за енергетската диверзификација, бидејќи овозможува изградба на гасни централи. Една таква ќе биде изградена и до терминалот во Александруполи, за што правиме анализи за можно учество на Северна Македонија“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Тој додаде дека интерконекоторот со Грција и терминалот за LNG во Александропули не се само економски, туку и проекти од стратешко значење, со цел диверзификација на снабдувањето со гас.

„Ние како држава ги донесовме одлуките прво за закуп на количини во терминалот за потребите на ЕСМ, а исто така и НЕР веќе работи на договор за реализација на интерконекторот со Грција преку којшто практично гасот би доаѓал до нашата држава“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека секоја криза треба да претставува и можност, а земјава веќе започна со имплементација на големи стратешки извори во обновливи извори на енергија.

„Минатата недела јас присуствував на пуштањето во употреба на првата фотоволтаична централа во Осломеј. Тоа е прва таква централа на стари наоѓалишта на јаглен во Југоисточна Европа каде што во употреба беше пуштена 10 мегаватна централа, која што ќе дава производство на 15 до 17 гигават часови електрична енергија и која што е изградена од страна на државата“ рече Ковачевски.