Премиерот Димитар Ковачевски при посетата на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно кое наскоро ќе биде Центар за промоција на македонскиот јазик, кажа дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција.

-Ќе се послужам со зборовите на големиот Конески и ќе кажам „Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“. И ова Старо училиште во Љубојно, вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, второ училиште во државава, каде по Втората светска војна започнува настава на македонски јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, но и вербата на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов и низа други автори – дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција, кажа премиерот.

Тој информира дека Владата ја донела одлуката и Министерството за култура веќе започнало дејствија за реконструкција и ревитализација на објектот на Старото училиште во Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

-Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот. И продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет, истакна Ковачевски.