„Руската агресија врз Украина, со сите свои елементи ја втурна Европа во нова безбедносна, но и енергетска и економска криза, за чие справување, солидарноста и обединетоста на НАТО беа и се уште се клучни. И токму во таа обединетост може да види визијата на сојузништвото, и зошто од оваа криза повторно ќе излеземе посилни, посплотени“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста по повод годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и Денот на НАТО.

Тој обраќајќи се до припадниците на Армијата рече дека тие се рамноправни со нивните колеги од земјите членки на НАТО.

„Рамноправни во способноста, знаењето, во придонесот во колективната одбрана. Државата, Владата, Министерството во последните неколку години покажа што значи да се возврати за лојалноста на Армијата кон својата држава, а Вие со Вашиот пример покажавте дека можеме да се гордееме со вас. Горди сме со припадниците на Армијата на Северна Македонија кои не претставуваат во сојузничките мисии во Латвија, во Романија, во Бугарија, во мисиите Косово, во Ирак, во Босна и Херцеговина, Либан, Централноафриканската Република“ рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека е заслужен секој денар кој го вложуваме во модернизација на Армијата како и покачувањето на буџетот за Армијата и одбрана, кој оваа година изнесува 1,85 отсто од БДП, а следната година ќе достигне 2 отсто.

„Да се биде НАТО значи да ни се зајакне и расте Армијата. Силна и спремна Армија е гаранција за безбедноста на земјатата но и за колективната одбрана на Алијансата. Нашата силна и спремна Армија беше таа којашто помагаше во спроведувањето на мерките за справување со КОВИД, со секој пожар кој ни се случи, со земјотресите во Албанија и Турција. Армијата во сите овие случаи спаси човечки животи. И за таа спремност и пожртвуваност сме ви крајно благодарни“ рече Ковачевски.