„Досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов „decoupling систем“. Со новиот модел, ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна, нешто што е многу важно во услови на светска економска криза“ изјави премиерот Димитар Ковачевски при посетата на фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“.

Тој додаде дека новиот модел за распределба на земјоделските субвенции значи решавање на сите долгогодишни проблеми на земјоделците, брз систем за исплата и спречување на злоупотребите.

„За компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед. Обезбедивме и продолжуваме да обезбедуваме во иднина навремена исплата на субвенциите и други мерки за зголемување на површините со оваа земјоделска култура“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека и оваа година пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот исплатени се субвенциите, за да можат земјоделците на време да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци.

„Платежната агенција исплати исплати над 450 милиони денари субвенции за поледелски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на над 24.000 земјоделци. Во ова време на глобална економска криза навремено и неселективно даваме финансиска поддршка за земјоделците, им помагаме кога е најпотребно, го стимулираме земјоделското производство, даваме поддршка за развој и обезбедуваме сигурност и за земјоделците и за преаработувачите“ рече Ковачевски.