Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и со градоначалникот на Општина Струмица, Коста Костадинов денеска во Струмица присуствуваа и се обратија по повод новоизградената градинка со капацитет од 307 деца од предучилишна возраст. Градинката „Виножито” е најголемата установа за ран детски развој изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјални услуги со финансиска поддршка на Светска банка и воедно најголемата во Струмица.

Покрај тоа што со градинката се решава долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во градот и неговата околина, новиот објект обезбедува современи просторни услови за престој на децата прилагодени на нивната возраст и на образовниот метод за учење преку игра. При градбата се имплементирани највисоки стандарди за енергетска ефикасност. Со сите овие современи инсталации значајно се намалуваат редовните трошоците за работа на градинката и се влијае врз намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид во воздухот.

Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски во целина:

„Денеска е навистина убав ден, тука во Струмица и овие прекрасни, насмеани лица кои што се тука околу нас е затоа што навистина правиме убава работа за децата, меѓутоа не само за децата туку и за родителите кои што ќе имаат навистина одлични услови каде да бидат згрижени нивните деца.

Струмица денеска добива нова градинка, ново катче за најмалите. Градинката „Виножито“ е најголема во Струмица и единствена со капацитет од 17 воспитни групи, во која ќе се згрижат над 300 деца.

Драго ми е што како Влада, придонесуваме за убаво, среќно и безгрижно растење на децата. Ние посветено работиме на долгорочно инвестирање во децата.

Наша цел е да им обезбедиме на децата подобро образование, но и да ја подигнеме стапката на што поголема вклученост на најмалите во предучилишно образование. Со наша поддршка досега се отворени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца.

Фактите покажуваат дека, како Влада убедливо имаме направено најмногу инвестиции во градинките во историјата на државата. За прв пат 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи се направени во уште 17 населени места.

Ние можеби не важиме за Влада која прави споменици и која не инвестира во стиропор и за тоа може да не критикуваат, меѓутоа важиме за Влада која што инвестира во трајни вредности во државата, а тоа е високо образование, средно образование, основно образование и секако предучилишно образование на децата.

Бидејќи, секое дете има право на градинка, тоа не е место каде децата се само згрижени, таму се дружат со своите врсници, уште во најраниот период да развиваат вештини и знаења, се подготвуваат да се вклучат во образовниот систем. Ние како Влада, тоа право му го гарантираме на секое дете дека може да најде место каде што би ја почнал својата претшколска образовна активност.

Со отворањето на нови градинки обезбедуваме место за вклучување на сите деца во предучилишно образование, бидејќи тоа предучилишно образование не само што е добро за децата, туку е добро за родителите. Многу често сум сведочел лично дека голем број семејства не можат да ги усогласат работните обврски, бидејќи нема каде да ги остават своите најмали и нема кој да ги чува додека тие се на работа. Сите овде се согласуваме дека тоа е голем проблем за едно семејство добро да функционира.

Затоа фокусот на оваа Влада е правење на градинки, бидејќи изградбата на нови градинки, згрижувањето на децата овозможува родителите и таткото и мајката да можат да се вклучат во работни обврски било во јавниот, било во приватниот сектор.

Затоа како Влада водиме сметка со изградба на нови градинки да бидат опфатени рамномерно сите градови и места каде има потреба од згрижување на деца. Во време на економска, претходно и на здравствена криза, како Влада обезбедивме поддршка за изградба на вакви големи инфраструктурни објекти.

Така, на децата без разлика на местото на живеење им обезбедуваме добар предучилиштен образовен процес, им овозможуваме добар старт на децата, но секако овозможуваме поквалитетен семеен живот.

До крајот од годината треба да завршат градежните работи на уште 10 нови градинки, а до крајот на 2023 година, на уште 15 градинки. Да потенцирам дека овде не завршува овој проект, Владата е отворена да помогне на секоја општина, така што оние општини кои сакаат да аплицираат за изградба на нова предучилишна установа, може да го направат тоа преку Министерството за труд и социјална политика.

Вложувањето во градинки, во вакви установи за предучилишна возраст е економска мерка, бидејќи со отворањето на предучилишни образовни институции, отвораме нови работни места. Како Влада, вложуваме и во воспитниот и стручен кадар во градинките. Со доаѓањето на СДСМ на власт, вработените во градинките добија за околу 21% повисока плата.

Ние сме Влада која ги слуша и решава и проблемите на граѓаните, пензионерите, работниците, компаниите. За мене како човек кој доаѓа од приватниот сектор, социјалниот дијалог е клучен за унапредување на работничките права, тоа го практикувам и сега како Премиер, меѓутоа и во иднина, бидејќи социјалниот дијалог е тој кој што може да донесе уште поголем напредок за сите групи во општеството.

Владата што ја предводам го докажува тоа, Министерството за труд и социјална политика и СОНК во мај годинава, потпишаа измени и дополнувања на Колективниот договор за вработените во дејноста згрижување и воспитание, со што веќе од септември, плата на воспитувачките, негувателите и стручниот кадар во градинките ја покачивме за 15%. Со Законот за минимална плата, покачување доби и техничкиот персонал.

Сите овие потези кои ги направи оваа Влада, од зголемувањето на минималната плата и покачувањето на пензиите, до финансиската поддршка во време на криза за најранливите, до субвенционирањето на струјата за 5 пати во однос на она што би го плаќале граѓаните доколку немаше таква субвенција, сето тоа е во насока на обезбедување поквалитетен живот, меѓутоа и во насока на покажување на солидарност, бидејќи ова е време на помош за оние кои што се најранливи категории на граѓани.

Сите тешки одлуки кои што ги донесовме исто така потврдуваат дека ние си ја сакаме државата и се грижиме за нејзиниот напредок.

Сакам овие деца кои денес се тука во оваа градинка, кога ќе пораснат да останат во земјава, да си ја градат иднината тука, дома, во земја членка на ЕУ. Доста беше нашите деца да сакаат да живеат во ЕУ, меѓутоа тоа право да го прават во туѓи држави кои што се членки на ЕУ. Време е да ги донесеме одлуките кои што се пред нас и конечно нашите деца да живеат и работат во ЕУ, ама тука, во наша европска Македонија. Нивните родители да гледаат можност за просперитет и за развој за себе и за своите деца. И на тоа ќе инсистирам секогаш и затоа и секојдневно носиме одлуки кои нѐ носат чекор напред кон подобар и побогат живот за сите граѓани. Од најмалите, до најстарите.

Затоа и грижата за децата е највисоко во приоритетите на оваа Влада. Нивната заштита и заштитата на нивните права е заедничка одговорност на сите, затоа сакам да упатам порака до пратениците за што побрзо донесување на Предлог законот за изменување на Законот за детска заштита што е во собраниска процедура.

На крајот, посакувам многу убави денови поминати во новата градинка, многу игра, многу другарства кои ќе траат цел живот и многу детска смеа, а на директорката, на сите воспитувачи кои ќе работат тука им посакувам успешна работа, успешна кариера и да обучат исто како што тие се врвни воспитувачи, нови воспитувачи кои што ќе работат.“