Премиерот Димитар Ковачевски информира дека годинава кога се одбележуваат 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, е завршен капиталниот проект -Дигитализација на картотеката на македонски зборови. За да се реализира овој проект беше потребна точно една година.

-Пред се сакам да изразам благодарност до професор Груевска, директор на институтот за македонски јазик, до сите нејзини колеги, професорите, асистентите и административниот персонал на институтот кои во изминатите 365 дена завршија огромна, историска работа за македонскиот јазик заедно со министерството за култура. Конечно нешто за што се зборуваше, не само во изминатите 30 години туку и повеќе, денес станува реалност, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека македонскиот јазик е нашиот идентитет, наша гордост и срце на нашата нација, кој треба да го негуваме, заштитиме и пренесуваме на следните генерации како наше најголемо духовно и културно наследство.

-Во таа насока, со дигитализација на македонски записи во изворен облик, со овој проект успеавме трајно да зачуваме од уништување над 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази, од периодот 14 и 15 век, се внимателно собирани и чувани со особена грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин, македонски јазик, со цел да се зачува неговата автентичност и традиција, која и ние ја продолжуваме понатаму на нашите поколенија, истакна Ковачевски.