На прашањето дали партијата Алтернатива останува или заминува при евентуален влез на Алијанса на Албанците во Владата, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“ кажа дека Алтернатива е дел од Владата и програмски и кадровски.

-Да не заборавиме Алтернатива има два значајни ресори кои што ги води тоа е здравство и Министерството за информатичко општество и администрација. Вие знаете на почетокот на мандатот ние сите се уште се справувавме со коронакризата и уште еднаш благодарност до целиот медицински персонал и до министерството. Второ, во МИОА се отпочнати веќе реформи во јавната администрација. Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и МИОА се дел од пилот проектот, ние веќе носиме одлуки со кои што се прави реорганизација на секторите внатре, со цел поголема ефикасност, намалување на бројот одредени сектори преку нивно интегрирање и се разбира зголемување на продуктивноста за подобри услови за граѓаните, кажа Ковачевски.

Тој потсети дека имал состанок со сите коалициони партнери кои што се дел од Владата и парламентот, како и со вонпарламентарните партии од коалицијата.

-Сите се согласуваат во однос на генералните насоки и политики кои оваа Влада ги води. Успешно справување со енергетската криза, економската криза. Да не заборавиме дека она што го ветивме во септември, ние го испорачавме во текот на сите месеци кои се зад нас и во текот на овој месец. Никој не претпоставуваше дека државата ќе продава вишоци на електрична енергија во најкритичниот месец – јануари. Тоа е заради успешните политики и трудот којшто го вложија вработените во електро енергетските компании во државата. Второ, ние имавме разговор и со претседателот на ДУИ и со претседателот на Алтернатива. Редовни состаноци со сите коалициони партнери, дел се на повеќе претседатели кога имаме состанок, дел билатерални. И денес имав состанок со претседатели на коалициони партнери каде што разговаравме за едно законско решение кое треба да влезе во Собрание и каде што на политичката партија која тие ја претставуваат сакаа да добијат повеќе детали во однос на истото. Состанокот којшто го имавме со г. Ахмети и г. Гаши, разговаравме за истите теми за кои разговаравме со сите други коалициони партнери. За претседавањето со ОБСЕ, за исполнувањето на обврските на С.Македонија во скрининг процесот, како и за можноста за зголемување практично на мнозинството и поддршката на носењето и на уставни промени кои се една од многуте одлуки кои не очекуваат пред влегувањето во ЕУ и каде што секој од нас ги кажа своите принципиелни ставови, меѓутоа не стана збор за ресори или за како што некои медиуми пренесуваа нели, се водел таен состанок. Тоа беше јавен состанок, кај мене сите состаноци се јавни, нагласи премиерот.