Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на маргините на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон, се сретна со директорката за Европа во Одделението за истражување на „Економист“ (Economist Intelligence Unit) Џоан Хоје, која раководи со Индексот на демократија во светот што се спроведува секоја година.

Според ова истражување за минатата година, кое беше објавено неодамна, Северна Македонија излезе од зоната на држави со „хибриден режим“ и влезе во кругот на функционални демократии како „демократија со недостатоци“.

Индексот на демократијата на Северна Македонија според „Економист“ е подобрен за пет места што е голем успех во време кога демократијата назадува во светски рамки. За само една година нашата земја направи скок од пет места и сега е рангирана на 73 место.

Во разговорот со уредничката на „Економист“ Џоан Хоје, премиерот Ковачевски истана дека рангирањето на „Економист“ за Владата и за нејзините граѓани е поттик да се задржи посветеноста на унапредување на демократските стандарди на институциите, на правата на граѓаните и слободата на медиумите во изградбата на слободно општество според највисоките вредности на европските демократии.