„Сите институции во државата од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата. Сега е време за одговорност без отстапка.
Време е да докажеме дека можеме заеднички да делуваме за доброто на граѓаните. Оваа криза е голем предизвик, но ве уверувам дека можеме и ќе ја поминеме со заеднички напори. Сакам да потенцирам дека Владата посветено ќе работи на заштита на економијата, на вашиот животен стандард, а секој денар од буџетот ќе биде насочен полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата заедничка историја.“- потенцираше премиерот Димитар Ковачевски во своето видео обраќање до граѓаните.

„Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Сите мои секојдневни разговори со членовите на владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството.“- дополни Ковачевски.