„Постојат предизвици, гледаме дека синдикатите бараат уште повеќе зголемување на платите. Ние нормално дека разговараме со нив, сите одлуки до сега беа носени низ социјалниот дијалог со синдикатите“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Делфи економскиот форум.

Тој додаде дека мора да се имаат предвид сите аспекти на економијата и да не се дозволи одредени мерки од фискалата политика да влијаат негативно на монетарната политика и да ја подгреат инфлацијата, поради што има редовна комуникација меѓу Владата и Народната банка.

„Она што можеме да ветиме е дека Владата посветено ќе остане на решавање на сите овие проблеми“ рече Ковачевски.

Премиерот рече дека државата се однесува исклучително одговорно кон граѓаните во време на кризата, со сите мерки за задржување на нивниот стандард, но и со намалувањата на државните трошења.