Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција во Владата најави дека првата Меѓувладина конференција со Европската унија ќе се одржи во вторник на 19 јули во Бирсел.

„Конечно, денес ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел.

Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз основа на нашата национална и државна засебност, историја, идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри.“ порача Ковачевски.

Пред јавноста, премиерот Ковачевски уште еднаш изрази уверување дека за македонските идентитетски прашања нема никакви преговори.

„Уште еднаш, јасно и гласно, цврсто и сигурно, во име на Владата, сакам да ве уверам дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема, во било кое време и околности, да преговора за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара.

За тоа имаме јасна убеденост, света и вечна обврска и времето, многу брзо, ќе покаже дека во тоа сме успеале.Нашата досегашна и идна работа уште повеќе го зајакнува нашиот идентитет и даваат силна шанса за подобра држава.Продолжуваме уште посигурно, уште поцврсто во развојот на државата.

Во следните денови и недели, како што ветивме, ќе пристапиме кон реализација и почеток на преговорите со Европската Унија. Конечно, после 17 години.“ порача Ковачевски.