„Оваа војна, помеѓу другите работи, покажа дека за Европа да биде безбеден и силен континент, потребен е мирен и интегриран Западен Балкан. Прашањето на проширување не е веќе само тоа, туку е и геостратешко и безбедносно прашање“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на Лидерскиот самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој додаде дека токму поради тоа, Владата на Северна Македонија напорно работеше на евроинтеграциите и на добивањето на најдобриот можен предлог од ЕУ, во кој ќе бидат вклучени нашите позиции.

„Во процесот го обезбедивме и зачувавме нашиот македонски јазик во ЕУ, го зачувавме македонскиот идентитет еднаш засекогаш. По започнувањето на преговорите го потпишавме и Договорот ФРОНТЕКС на македонски јазик, што е доказ дека ЕУ е кредибилен партнер и ги исполнува ветувањата“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека нашата напорна работа за станување членка на ЕУ не е само поради членството, туку тоа е наша заложба за општество што ќе живее со европски вредности, општество со подобар образовен, социјален и здравствен систем и држава која има стабилна економија, подобар стандард на живот и побогати граѓани.