„Влегуваме во нова фаза, нова економска визија, каде што оваа криза ја гледаме како шанса за развој и креирање подобар животен стандард за нашите граѓани. Потребен ни е економски напредок и развој. Ниту едно општество не може да се развива без тоа“ рече премиерот Димитар Ковачевски на Лидерски самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој додаде дека кога се зборува за економски развој, главниот фокус е на креирањето на подобро платени работни места и кажа дека само во првите десет месеци од годинава во Северна Македонија се отворија повеќе од две илјади работни места со новите директни странски инвестиции.

„За да ги надминеме последиците од кризата може да направиме две работи – првата е да обезбедиме дикретна поддршка за граѓаните со анти-кризни мерки, нешто што го правиме, а вотрата е да работиме на економијата и да креираме нови, подобро платени работни места за граѓаните да имаат подобри плати кои ќе им помогнат да се справат со инфлацијата и во време на криза“ рече Ковачевски.

Премиерот кажа, дека ова е главната цел на Владата, покрај европската интеграција, бидејќи граѓаните на Северна Македонија заслужуваат подобра иднина.