„Убеден сум дека можеме да ја претворима нашата убава татковина во зелен енергетски центар и да обезбедиме енергетска независност и да го снабдуваме регионот со електрична енергија од обновливи извори“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на Лидерскиот самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој додаде дека ова е нашата иднина, која не е недостижна и дека државата веќе ги прави првите чекори кон реализирање на оваа визија и обезбедување инвестиции што ќе донесат повеќе и поплатени работни места и подобра иднина за сите.

„Зелената енергетска транзиција е во тек. Започнавме со изградба на соларна централа од 100 мегавати во Осломеј, која во моментов е електрана на јаглен. До крајот на 2023 година очекуваме помеѓу 200 и 300 мегавати електрична енергија од соларни централи да бидат вклучени во системот“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека ова се знаци на раст како општество и индикација дека ги следиме глобалните услови и трендови.