Тешко е за сите нас, и јас купувам на пазар и во продавница и самиот ги гледам цените, но, важно е да даваме се од себе и јас тоа го правам, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Велес. Тој кажа дека сите капацитети се ставени во функција за да им се помогне на што повеќе граѓани и компании, а истовремено и да се зголеми енергетската независност на државата.

-Минималната плата ја покачивме двојно, од 9.000 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари а пензиите за 10%. Знам дека тоа не е доволно и затоа во Буџетот за 2023 веќе имаме предвидено пари за покачување и на минималната плата, но и за раст на пензиите за нови 6%. Со тоа за сите 330.000 пензионери ќе обезбедиме покачување за 16% на пензиите за една година. Мојата цел, целта на Владата што ја предводам е конечно да ја победиме кризата, да почнеме да растеме, да го зголемиме животниот стандард и следната година да биде подобра од оваа. Имаме добра основа за тоа. Предвидувањата на ЕБОР се дека македонската економија во следната година ќе има раст од 2.3 отсто. Многу повеќе од проекцијата за земјите од еврозоната која изнесува 0.3 отсто. Народната банка вели дека и оваа година ќе успееме да ја завршиме со раст од над 2 проценти, рече Ковачевски.

Според него, нема недостижна цел и со многу работа, посветеност и реализација на економскиот план следната година ќе биде година на економска пресвртница.

-Тоа ќе го постигнеме со реализација на политиките за инвестиции, со нови добро платени работни места, со инвестиции во капитални проекти и со енергетска транзиција со која ќе станеме зелен еврооски центар. Европска Македонија се гради и се поврзува и затоа во Буџетот за 2023 обезбедивме скоро 800 милиони евра за патишта, за улици, за булевари и клучки, за комунални проекти. Докажавме дека може да се гради и во време на глобална криза. Во ек на најголемата криза отворавме нови градинки. Убедливо како Влада имаме направено најголеми инвестиции во градинките во историјата на Македонија, истакна Ковачевски.